Поранешниот градоначалник на Карпош и лидер на ГРОМ, Стевче Јакимовски, во гостувањето во „Ноќно студио“ на 4ТВ, откри дека иако административно е веќе пензионер, неговиот политички ангажман не мирува.
На прашањето дали деновите ги поминува како пензионер, Јакимовски со насмевка одговори дека за луѓето од неговата професија нема вистинско повлекување.
„Политичарите никогаш не одат во пензија. Јас сум во формална пензија, меѓутоа сум максимално активен со мојата политичка партија. Подготвуваме собрание на партијата и тоа се моите секојдневни обврски“, истакна Јакимовски.
Покрај политичката агенда и постојаното следење на состојбите во државата, тој сподели дека слободното време го користи за семејни обврски и поддршка на неговата сопруга во нејзините работни активности.
Сепак, неговиот фокус останува на партиската инфраструктура, најавувајќи дека ГРОМ се подготвува за внатрепартиско консолидирање, што според него, докажува дека неговата „формална“ пензија е само бројка на хартија, додека на терен останува активен играч.