Македонија

Јакимовски: Општината не е за секого – градоначалникот мора да биде достапен 24 часа

Јакимовски: Општината не е за секого – градоначалникот мора да биде достапен 24 часа

Поранешниот прв човек на Карпош, Стевче Јакимовски, во гостувањето во Ноќно студио на „4ТВ“ даде своја анализа за предизвиците на локалната власт, посочувајќи дека многумина влегуваат во градоначалничката трка без да бидат свесни за жртвата што ја бара таа позиција.

Коментирајќи го „боледувањето“ на актуелниот градоначалник Сотир Лукровски, Јакимовски откри дека таквиот потег бил најавуван подолго време меѓу упатените. Според него, главната причина е неможноста на поединецот да се прилагоди на темпото што го наметнува институцијата.

„Човекот едноставно не се пронајде во оваа работа. Изјавуваше дека си го нарушил комодитетот, дека имал поголеми примања на претходното работно место и дека семејниот живот му трпи. Веројатно не бил свесен дека во општината се работи 24 часа. Телефонот мора да ви биде вклучен во 2, 3 или 4 часот наутро – вие мора да бидете достапни за граѓаните,“ истакна Јакимовски.

Јакимовски, кој за себе вели дека ја подигнал градоначалничката функција на ниво на „пиедестал“, објасни дека ова е тешка менаџерска позиција која бара вештина во неколку сфери истовремено: обезбедување финансии, креирање проекти и борба со политичките противници.

Посебен акцент стави на управувањето со администрацијата: „Администрацијата е како еден силен коњ. Ако не ги држиш цврсто уздите, ќе те фрли од седлото. Луѓето таму често сакаат денот да им помине полесно, но градоначалникот е тој што оди на избори и тој мора да го устрои системот да биде вистински сервис за граѓаните.“

Тој потсети дека неговиот модел на владеење се засновал на максимална отвореност, до тој степен што неговиот телефонски број бил јавно достапен за сите.

„Ја направив таа функција таква што секој граѓанин, кога има проблем, прво се обраќа кај градоначалникот. Дури и денес, кога не сум на функција, ми доаѓаат луѓе од други општини за помош или совет,“ заклучи Јакимовски, додавајќи дека искуството е пресудно кога треба да се донесе тешка одлука „на кант“.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни