Македонија

Јакимовски: Лукровски поднел втора оставка, ВМРО го стави во „куќен притвор“, му наложи да земе боледување!

Јакимовски: Лукровски поднел втора оставка, ВМРО го стави во „куќен притвор“, му наложи да земе боледување!

Поранешниот градоначалник на Карпош, Стевче Јакимовски, во последното гостување на 4ТВ упати остри критики до актуелната власт, тврдејќи дека општината се наоѓа во „лимбо ситуација“ додека актуелниот градоначалник е принуден на боледување за да се амортизира неговата оставка.

Јакимовски открива дека во политичките кругови е „јавна тајна“ дека господинот Лукровски веќе поднел втора, овојпат конечна оставка, но дека централната власт се обидува да добие на време преку контроверзни методи.

„ВМРО практично го стави својот градоначалник во куќен притвор. Му наложија да земе боледување само за да ја амортизираат ситуацијата. Парадоксално е што премиерот посредно кумува на ова боледување, во исто време кога директорот на Фондот за здравство јавно ги гони манипулативните боледувања. Ова е класично замајување на јавноста“, изјави Јакимовски.

Екс-градоначалникот со жалење констатира дека додека градовите во регионот, како Белград, Приштина и Тирана, се развиваат со „светлосна брзина“, Карпош стагнира поради политички блокади и неспособно менаџирање.

Според Јакимовски, по четирите години стагнација во времето на Стефан Богоев и борбата со блокираната сметка што тој ја наследил, општината сега повторно е во депресивна фаза.

„Да одземете пет години од развојот на една општина е недозволиво. Тоа се пет години од животот на секој граѓанин во кои Карпош можеше да биде лидер, а не жртва на тактизирања.“

Дали Јакимовски повторно ќе се кандидира?

На прашањето за неговите идни политички амбиции, Јакимовски остави отворена врата, нагласувајќи дека неговата одлука ќе биде водена исклучиво од интересот на општината каде поминал 16 години од својот работен век.

„Јас во Карпош оставив 16 години од мојот живот. Таму се афирмирав и како човек и како политичар. Мојата одлука ќе зависи од тоа што е најдобро за општината. Ако е најдобро јас да се кандидирам, повторно ќе го направам тоа. Карпош заслужува да излезе од овој застој“, заклучи тој.

Јакимовски заврши со предупредување дека секој понатамошен ден во кој општината се држи во „лимбо“ поради внатрепартиски проблеми на ВМРО-ДПМНЕ, е директна штета за жителите на Карпош.

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни