Бизнис

Иван Ивановски – единствениот претставник од Македонија на Јахорина Економски Форум 2026: На иста сцена со водечките финансиски и банкарски имиња од регионот

Иван Ивановски – единствениот претставник од Македонија на Јахорина Економски Форум 2026: На иста сцена со водечките финансиски и банкарски имиња од регионот

Во период кога светската економија влегува во нова ера на дигитализација, вештачка интелигенција и геополитички промени, Јахорина Економски Форум 2026 повторно ги собра највлијателните луѓе од политиката, финансискиот сектор и бизнис заедницата од Западен Балкан.

Форумот, кој се одржува од 11 до 13 мај во хотел „Термаг“ на Јахорина, денес важи за еден од најрелевантните економски и бизнис настани во регионот. На едно место обединува премиери, министри, централни банки, директори на најголеми финансиски институции, инвестициски компании, енергетски корпорации и претставници на меѓународни организации.

Централната тема на овогодинешниот форум е:
„Западен Балкан 2030: Интеграции, иновации и одржлив раст“

Како единствен претставник од Македонија, Иван Ивановски деновиве учествуваше и на панел дискусијата:

„Финансии 2030 – трансформација на финансиската индустрија во дигиталната ера“

Панелот беше модериран од Александар Љубоја, претседател на програмскиот одбор на Јахорина Економски Форум 2026 , а покрај Иван Ивановски, учество земаа и едни од најзначајните луѓе од финансискиот и банкарскиот сектор на Балканот:

Д-р Иван Николиќ – Претседател на Советот на гувернери на Народна банка на Србија и научен советник во Економски институт Белград 

Горан Бабиќ – Претседател на Управата на NLB  Банка АД Бања Лука

Марко Видаковиќ – Вицегувернер на Централната банка на Босна и Херцеговина

Уна Сикимиќ – Претседател на Извршниот одбор на ALTA Banka a.d. Белград 

Јелена Родиќ – Извршен директор за финансии, платен промет и заеднички работи во Инвестиционо развојна банка на Србија 

Во рамки на панелот се разговараше за иднината на финансиската индустрија, трансформацијата на банкарството, влијанието на вештачката интелигенција врз финансискиот сектор, управувањето со капитал и новите инвестициски модели во модерната економија.

Во своето обраќање, Иван Ивановски стави силен акцент на потребата од финансиска едукација, адаптацијата кон новите глобални трендови и важноста од градење инвестициска култура кај новите генерации.

Една од темите на која беше ставен посебен фокус е фактот дека Западен Балкан сè уште значително заостанува кога станува збор за инвестирање, финансиска писменост и разбирање на капиталот.

„Токму затоа и го градиме Прајм Капитал како компанија насочена кон иновации и модерен пристап со капитал, и  јасна визија да создадеме нова перспектива кон инвестирањето и управувањето со капитал во регионот. Веруваме дека инвестирањето треба да стане потранспарентно, поразбирливо и подостапно за луѓето кои сакаат да изградат стабилна финансиска иднина.

Иднината ќе им припаѓа на компаниите и инвеститорите кои навремено ќе ги препознаат глобалните промени, технолошката трансформација и новите економски модели што веќе го менуваат начинот на кој функционира светот“, истакна Ивановски за време на панел дискусијата.

Според организаторите, на форумот оваа година присуствуваат повеќе од 600 учесници од околу 15 држави, што дополнително ја потврдува неговата тежина и позиција како еден од највлијателните економски настани на Западен Балкан.

Учеството на Иван Ивановски на ваков форум претставува силна порака дека Македонија сè поактивно се позиционира во регионалните економски и финансиски процеси, а темите поврзани со инвестирање, финансиска едукација и управување со капитал стануваат сè поважен дел од идниот економски развој на земјата.

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни