Македонија

Народниот правобранител: Најмногу претставки од граѓаните за бавно судство, паушални сметки и семејно насилство

Народниот правобранител: Најмногу претставки од граѓаните за бавно судство, паушални сметки и семејно насилство

Најголемиот број претставки што граѓаните ги доставиле до Народниот правобранител во текот на 2025 година се однесуваат на правосудството, јавните услуги и потрошувачките права, истакна народниот правобранител Фатмир Сељами при презентирањето на годишниот Извештај пред собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците.

Сељами посочи дека граѓаните најчесто се жалат на предолгото траење на судските постапки, непочитување на законските рокови и недоволната ефикасност на судовите.

„Странките не добиваат навремени известувања за статусот на нивните предмети. Во делот на работата на извршителите, најголем број претставки има за деблокада на сметки и за висината на каматите“, рече Сељами.

Во текот на минатата година Народниот правобранител разгледал вкупно 2.921 предмет. Од нив, 2.400 биле новопримени претставки, додека 521 предмет биле пренесени од претходната година.

Според извештајот, над 40 проценти од претставките се однесуваат на повреди на права од страна на јавните служби и установи. Народниот правобранител покренал постапка по 1.810 предмети, а во 492 случаи биле утврдени повреди на човековите права и слободи.

Втората најчеста област на претставки се потрошувачките права, особено високите паушални сметки за електрична енергија. Сељами предупреди дека и новиот Закон за енергетика, кој предвидува отчитување на броилата најмалку еднаш на три месеци, нема целосно да го реши проблемот со паушалните фактури.

Во извештајот посебно внимание е посветено и на еколошките проблеми. Народниот правобранител ги нотирал претставките поврзани со еколошката катастрофа во Трубарево, пожарите на депониите „Дрисла“ и „Вардариште“, како и загадувањето на реката Вардар со пластичен отпад.

Сељами оцени како загрижувачки фактот што во државата се издадени само две дозволи за депонирање отпад, додека нема дозволи за депонирање опасен отпад и за постројки за согорување отпад.

Граѓаните поднесувале претставки и во областа на работните односи, најчесто за дисциплински постапки, неисплатени плати и непочитување на колективните договори.

Во делот на семејното насилство, Народниот правобранител предупреди дека полициските службеници и центрите за социјална работа не се доволно обучени за заштита на жртвите.

„Истражните органи треба да посветат повеќе внимание за да постапуваат професионално и законски, со цел спречување на фемицид и родово-базирано насилство“, нагласи Сељами.

Во текот на 2025 година биле евидентирани и претставки поврзани со врсничко насилство и булинг.

Сељами пред пратениците посочи и дека институцијата Народен правобранител половина година функционирала без избран прв човек, што, како што рече, предизвикало застој во работата, намалување на бројот на обработени претставки и прекин во дел од меѓународната соработка.

Пратениците во Комисијата оценија дека препораките на Народниот правобранител треба сериозно да се разгледаат, особено во делот на правосудството и спречувањето на насилството, а дадоа поддршка и за измени и дополнувања на Законот за Народен правобранител.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни