Македонија

Тошковски најави засилени контроли за дивеењето со мотори низ градовите: Ќе ги изгориме!

Тошковски најави засилени контроли за дивеењето со мотори низ градовите: Ќе ги изгориме!

Министерството за внатрешни работи во наредниот период ќе спроведе засилени контроли против возачите на мотори кои прават сериозни сообраќајни прекршоци низ градските улици, најави министерот Панче Тошковски. Според него, фокусот ќе биде ставен на оние кои возат со огромна брзина, без заштитна опрема и со опасно однесување во сообраќајот.

Тошковски нагласи дека мерките нема да се однесуваат на вистинските моторџии кои ги почитуваат сообраќајните правила, туку на несовесните возачи кои ја загрозуваат безбедноста на граѓаните.

„Најавувам дека за тие кои глумат дека се моторџии, односно возат мотор без кацига, со далеку поголема брзина, возат на црвено светло, го креваат моторот на едно тркало, и мислат дека камерите на ‘Безбеден град’ не ги детектира, МВР ќе биде фокусирано на нив, особено во градските средини. Слободно можам да кажам дека ќе ги изгориме. Ќе останат и без мотори и без можноста да глумат дека се моторџии“, изјави Тошковски.

Изјавата ја даде на денешната прес-конференција организирана заедно со А1 Македонија, во рамки на кампања посветена на безбедноста во сообраќајот.

Министерот посочи дека системот „Безбеден град“ ќе има важна улога во откривањето на прекршителите, особено во урбаните средини каде во последниот период зачестени се случаите на опасно и брзо возење мотори.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни