Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски соопшти дека Европска комисија ставила на располагање 65,7 милиони евра за Македонија во рамки на Инструментот за реформи и раст, што, според него, е највисок износ во регионот.
Во објава на социјалните мрежи, Муцунски посочи дека претходно најавил ваков развој во интервју за Сител Телевизија, а денеска тоа било и официјално потврдено.
„Тоа што го говорев пред неколку недели во интервју денеска и официјално се потврди – Европската комисија соопшти дека става на располагање 65,7 милиони евра за нашата држава во рамки на Инструментот за реформи и раст, што претставува највисок износ во регионот, во споредба со 49 милиони евра за Албанија и 44,2 милиони евра за Црна Гора“, напиша Муцунски.
Тој оцени дека одлуката претставува потврда за посветеноста на Владата кон реформите и исполнувањето на обврските од Планот за раст.
„Ова е јасна потврда за силната посветеност на Владата кон реформите, исполнувањето на обврските од Планот за раст и имплементацијата на европските вредности и стандарди на домашен план. Воедно, тоа претставува признание за сериозниот пристап, институционалниот капацитет и реформскиот напредок на државата“, додаде Муцунски.
Според официјалната информација на Европската комисија, средствата се одобрени по позитивна оценка за спроведените реформски чекори, а за Македонија тие се однесуваат на мерки поврзани со образованието и дигитализацијата.
Од вкупната сума, 30,6 милиони евра ќе бидат префрлени директно во државниот буџет, додека остатокот ќе биде наменет за инвестициски проекти преку Инвестициска рамка за Западен Балкан.