Македонија

Тошковски: Пожарникарите се херои што секогаш први реагираат

Тошковски: Пожарникарите се херои што секогаш први реагираат

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска присуствуваше на показната вежба на Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје во Автокоманда, која се одржа по повод Денот на пожарникарите и јубилејот од 190 години организирано противпожарно делување во Скопје.

Тошковски упати благодарност и честитки до сите пожарникари за нивната секојдневна посветеност и храброст во спасување човечки животи, домови и имот. Тој нагласи дека станува збор за професија која бара дисциплина, пожртвуваност и постојана подготвеност да се стави туѓиот живот пред сопствениот.

„Пожарникарите и полициските службеници имаат многу заедничко бидејќи и едните и другите се постојано будни, секогаш подготвени да реагираат кога граѓаните имаат најголема потреба од помош. Тоа се луѓе кои не прашуваат кога е тешко, туку веднаш застануваат во заштита на безбедноста, сигурноста и животот на граѓаните“, порача Тошковски.

Тој додаде дека денешната вежба уште еднаш ја потврдила важноста на подготвеноста, професионалноста и координацијата на службите за безбедност во државата.

„Нека е честит Денот на пожарникарите! Благодарност за вашата служба, храброст и посветеност“, порача министерот.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни