Македонија

Романтичен момент на Денот на пожарникарите: Запросување среде показна вежба

Романтичен момент на Денот на пожарникарите: Запросување среде показна вежба

На показна вежба организирана по повод Денот на пожарникарите во Автокоманда, се случи неочекуван и емотивен момент – пожарникар, откако симболично беше „спасен“ од зграда во рамки на вежбата од страна на своите колеги, клекна на колено и ја побара за жена својата избраничка пред сите присутни.

Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје, заедно со противпожарните единици од целата држава, денеска го одбележа 20 Мај – Денот на пожарникарството.

Како дел од традиционалните активности, градоначалници и претставници на локалните самоуправи ги посетија противпожарните станици.

Прославата во Скопје беше фокусирана на единицата во Автокоманда, каде беше оддадена почит на пожарникарите за нивната посветеност и пожртвуваност во заштитата на граѓаните и имотот. Настанот го проследија градоначалниците на Скопје, Аеродром, Кисела Вода и Гази Баба, како и министерот за спорт Борко Ристовски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, Љупчо Димовски и други гости.

Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски во своето обраќање упати благодарност до пожарникарите за нивната секојдневна пожртвуваност.

„Ви благодариме за секоја непроспиена ноќ, за секој повик на кој сте одговориле без двоумење, за секоја интервенција во која сте влегле со ризик, а сте излегле со спасен живот…“, рече Ѓорѓиевски, додавајќи дека оваа година се одбележуваат и 190 години од формирањето на првата противпожарна единица во Македонија.

Тој најави и натамошна модернизација на Противпожарната бригада, подобра опрема и услови за работа, како и вложувања во системот за побрза и поефикасна реакција.

Овој датум се смета за значаен историски меѓник, бидејќи на 20 мај 1836 година во Битола бил формиран првиот противпожарен одред во Македонија.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни