Пратеникот на СДСМ и поранешен министер Оливер Спасовски предупреди дека зад, како што рече, оптимистичките изјави на Владата за економските резултати се крие сериозен проблем со ликвидноста на буџетот и зголемен притисок врз јавните финансии.
Во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, Спасовски го коментираше новото владино задолжување на меѓународниот пазар, оценувајќи дека самото носење на законот по скратена постапка отвора сомнежи за состојбата во државната каса.
„Ако ги слушате изјавите на премиерот и министрите, важи правилото: ’Не ме гледајте што правам, слушајте ме што зборувам‘. Ќе слушнете дека сме трета економија во Европа, а граѓаните секојдневно едвај крпат крај со крај. Самото носење на задолжувањето по скратена постапка покажува дека нешто се крие и дека буџетот е во сериозен проблем со ликвидноста“, изјави Спасовски.
Тој посочи дека образложенијата на заменик-министерот за финансии во Собранието биле контрадикторни. Како прв аргумент, Спасовски наведе дека Владата тврдела оти задолжувањето било редовно и планирано во Фискалната стратегија, но праша зошто тогаш законот се носи по скратена постапка наместо низ редовна собраниска дебата.
Како втор аргумент, тој посочи дека Владата објаснила оти средствата се потребни за „фискална консолидација“, при што оцени дека доколку навистина станува збор за вонредна состојба, тогаш постапката требало да биде итна, а не скратена.
Спасовски се повика и на податоците од Фискалната стратегија, наведувајќи дека Владата планирала приходи од 374,9 милијарди денари и расходи од 414,2 милијарди денари, со буџетски дефицит од 39,2 милијарди денари или 3,5 проценти од БДП, иако законскиот максимум е 3 проценти.
Тој предупреди дека реализацијата на буџетот во првите пет месеци покажува сериозен дисбаланс меѓу приходите и расходите.
„Реализираните приходи досега се 131,3 милијарди денари (35,3%), додека расходите веќе достигнаа 163,6 милијарди денари (39,5%). Тоа значи дека разликата, односно веќе остварениот дефицит за само пет месеци изнесува дури 32,3 милијарди денари! Ако вкупниот дозволен дефицит за цела година е 39,2 милијарди, а вие веќе сте потрошиле 82% од него, која е таа магична формула со која до декември ќе направите дефицит од само 7 милијарди? Тоа е невозможно, реалниот дефицит на крајот ќе биде енормно поголем“, изјави Спасовски.
Тој оцени дека Македонија се движи кон економска нестабилност поради постојаниот раст на јавниот долг. Според него, јавниот долг во моментов изнесува 59,7 проценти од БДП, без во него да биде пресметано најновото задолжување изгласано во Собранието.
„Со новиот закон се задолжуваме за дополнителни 260 милиони евра, но со каматите и трошоците кои изнесуваат дури 69 милиони евра, вкупниот товар за граѓаните е 330 милиони евра на странскиот пазар. Кога на ова ќе се додаде и постојаното задолжување на домашниот пазар преку државни обврзници, Македонија дефинитивно ја пробива ризичната граница и оди над 60% јавен долг од БДП“, рече Спасовски.
Тој додаде дека според официјалните проекции, јавниот долг ќе продолжи да расте и во следните години, што, според него, ќе значи и повисоки трошоци за камати наместо вложувања во капитални проекти и подобрување на животниот стандард.