Државата работи на ново дигитално решение кое треба да ги обедини повеќето јавни услуги на едно место и да го олесни пристапот на граѓаните до документи и административни процедури.
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ соопшти дека е во завршна фаза развојот на нова мобилна „суперапликација“, која ќе овозможи користење дигитални лични документи и електронски услуги преку една платформа.
Тој појасни дека апликацијата нема да се ограничува само на лична карта и возачка дозвола, туку ќе функционира како централен дигитален систем за повеќе државни сервиси и документи.
„Сметаме дека сме мала држава за секоја институција да развива посебна апликација, па затоа работиме на една суперапликација“, изјави Андоновски.
Според него, во апликацијата ќе бидат интегрирани дигитални документи како лична карта, возачка дозвола, дипломи и изводи, додека одделно ќе бидат достапни електронските услуги за граѓаните.
Министерот информираше дека техничкиот развој е завршен и дека се спроведуваат последни тестирања, при што еден од главните предизвици е усогласувањето на податоците меѓу различни институционални бази.
„Работиме со МВР на усогласување на податоците за да нема несовпаѓања кај личните информации“, истакна Андоновски.
Тој додаде дека системот ќе вклучува и безбедносни механизми како биометриска идентификација и опции за електронско плаќање услуги.
Во рамки на законската регулатива, веќе е предвиден и дигитален паричник, кој треба да биде усогласен со европските стандарди и идниот Европски дигитален паричник.
„Ова е трендот во Европа и наша обврска е до 2027 година да бидеме подготвени за интеграција“, нагласи министерот.
Андоновски посочи дека идејата е граѓаните постепено да ја прифатат апликацијата, а системот континуирано да се надградува, вклучително и со можности за дигитално потпишување и електронско склучување договори.
Тој најави и можност за понатамошна дигитализација на процесите за издавање документи, но нагласи дека приоритет е практичната корист за граѓаните.
„Поважно е граѓаните да ги почувствуваат придобивките отколку да брзаме со целосна автоматизација“, порача Андоновски.