Попладнево сообраќајна несреќа се случила на улицата „Панче Караѓозов“ во Штип, каде автомобил со две лица излетал од коловозот и завршил превртен во двор од приватна куќа.
Според информации од очевидци, возачот се обидел да избегне жена која во моментот ја преминувала улицата, по што нагло свртел и изгубил контрола врз возилото. Автомобилот потоа излетал од патот и се превртел на кров во дворот на куќата, јавува МИА.
Во несреќата повредени се возачот и сопатникот, кои биле пренесени во Клиничката болница во Штип. Според жители од околината, двајцата се во стабилна здравствена состојба.
Надлежните органи извршиле увид на местото на несреќата, а причините за инцидентот дополнително ќе се утврдуваат.