Товарното моторно возило со косовски регистарски таблички, кое учествуваше во тешката сообраќајна несреќа на скопската обиколница во која загинаа четири лица, влегло во државата преку граничниот премин „Блаце“ и во моментот на влез било празно, изјави директорот на Царинска управа, Бобан Николовски во емисијата „Топ тема“ на Телма ТВ.
Николовски посочи дека при царинската контрола не биле констатирани никакви неправилности и дека и возачот и товарното возило ги исполнувале сите потребни услови за влез во земјата.
„Сето она што е поврзано како царинска постапка за товарното моторно возило и возачот ги исполнувал сите услови кои се потребни во царинска постапка за да помине на тој граничен премин“, изјави Николовски.
Тој додаде дека од аспект на царинските процедури сè било спроведено согласно законските прописи, додека причините за несреќата и околностите под кои се случила ќе бидат предмет на постапување на другите надлежни институции.
„Подоцна тоа што се случило е случај што треба да го разгледуваат други државни институции“, додаде директорот на Царината.
Тешката сообраќајна несреќа се случи во четвртокот вечерта околу 23 часот на скопската обиколница, на делницата меѓу надвозникот кај Визбегово и клучката Мирковци. Во несреќата загинаа тројца 20-годишни млади момчиња, како и баритонот и првенец на Национална опера и балет, Ристе Велков.