Македонија

Нема веќе бркање глодари: Почнува обновата на сите студентски домови

Нема веќе бркање глодари: Почнува обновата на сите студентски домови

Студентите во Македонија веќе нема да се соочуваат со субстандардни услови за живот. Од 1 октомври, студентските домови „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски-Питу“ ќе ги примат првите станари во целосно реконструирани објекти. Истовремено, најдоцна до септември ќе започне масовната реконструкција на сите останати студентски домови во државата, најави денеска министерката за образование и наука, Весна Јаневска, при увидот во градежните работи на домот во Автокоманда.

Министерката испрати јасна порака дека периодот на лоши услови во студентското сместување завршува, а од студентите побара одговорно однесување и грижа за новите објекти.

„Студентите добиваат модерни студентски домови по европски стандарди. Отсега па натаму нема бркање глодари и инсекти, ќе има соодветна храна и сместување. Нема веќе лепење прозорци, лифтови што се клатат или проблеми со топла вода и струја. Како што можете да видите, ова е сосема реално“, изјави Јаневска.

Големиот бран на реновирање од септември ќе ги опфати преостанатите седум студентски домови лоцирани во Охрид, Битола, Прилеп и Штип, како и скопскиот дом „Пелагонија“ и кујната во „Гоце Делчев“. Градежните работи ќе се одвиваат паралелно и ќе траат помеѓу година и половина и две години.

  • Целта на проектот: Комплетно нови домови со висока енергетска ефикасност во рок од две години.
  • Еднаквост: Нема да постојат „ексклузивни“ домови за богати и лоши за сиромашни – сите студенти ќе добијат ист, висок квалитет.

Јаневска увери дека за време на реконструкцијата, ниту еден студент нема да остане без покрив над главата. Решенијата ќе се прилагодуваат за секој град посебно преку меѓуминистерска соработка:

  • Сместување во закупен приватен студентски дом.
  • Користење на слободните капацитети во ученичките домови.
  • Обезбедување на алтернативни државни простори.

Целиот проект за модернизација тежи околу 50 милиони евра. Финансиската конструкција е обезбедена преку заем од Германската развојна банка (KfW), додека 10 милиони евра се неповратни средства (грант) обезбедени преку Програмата за регионална енергетска ефикасност за Западен Балкан на Европската Унија.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни