Долгогодишната привилегија на државниот врв да руча по нереално ниски пазарни цени во државните бифеа и ресторани заминува во историјата. Владата донесе одлука за драстично зголемување на трговската маржа, со што цените на храната и пијалаците за функционерите веќе не се социјална категорија, објави 4news.mk.
Овој остар пресврт во досегашната политика на евтини менија за политичарите го соопшти директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), Ивица Томовски, во гостувањето во емисијата „Ноќно студио“ на „4ТВ“.
Трговската маржа триплирана – од 15% скокна на 50%
Одговарајќи на прашањето со какви цени моментално работат собраниските и владините бифеа и дали има поскапување, Томовски откри дека затекнал состојба која со децении предизвикуваше револт кај обичните граѓани.
„Кога дојдов на функцијата, маржата изнесуваше само 15%, што е навистина премногу ниско за еден ваков систем. Со одлука на Влада, таа маржа сега ја зголемивме на 50%. И покрај ова триплирање на маржата, цените таму се повторно нешто пониски од оние во комерцијалните ресторани на улица ‘Македонија’, но тоа е нормално бидејќи сепак се работи за затворени бифеа во рамки на институциите“, објасни првиот човек на СОЗР.
Како се пресметува новата вредност на оброците?
За визуелно да ја доближи разликата во цените до јавноста, директорот направи директна споредба со цените на угостителите во строгиот центар на Скопје. Тој појасни дека цените во владините ресторани сега се формираат строго математички, без дополнителни пазарни профити.
- Примерот со стек: „Која е цената на еден стек на улица ‘Македонија’? Кога ние набавуваме еден килограм стек, од тој килограм не наплаќаме 1.500 денари како што би наплатиле во рестораните надвор. Кај нас цената се формира така што на набавната вредност за килограм се додаваат овие плус 50% маржа“, дециден е Томовски.
Со оваа мерка, според надлежните, се крати уште една долгогодишна привилегија на политичарите кои со децении беа мета на жестоки критики од јавноста поради правото да се хранат по суми кои беа далеку пониски од пазарните и комплетно недостапни за обичниот граѓанин.