Геополитичкиот земјотрес на Кавказот достигна нова точка на вриење. Русија денеска соопшти дека официјално го повикала својот амбасадор во Ерменија, Сергеј Копиркин, на итни консултации во Москва. Овој дипломатски потег е директен протест против сè поочигледното приближување на Ереван кон Европската Унија, и тоа во пресрет на клучните избори закажани за 7 јуни.
Формално, Ерменија сè уште е воен и економски сојузник на Русија. Сепак, оваа кавкаска земја со околу три милиони жители во последните години забрзано ги продлабочува врските со Западот, обидувајќи се да се оттргне од силната економска и енергетска зависност од Москва.
„Амбасадорот на Руската Федерација во Република Ерменија, С.П. Копиркин, е повикан во Москва на консултации во врска со чекорите преземени од ерменското раководство кон приближување кон Европската Унија“, соопшти руското Министерство за надворешни работи.
Путин се закани со економски колапс и го спомена „украинското сценарио“
Притисокот врз прозападниот ерменски премиер Никол Пашинјан дополнително го засили рускиот претседател Владимир Путин. Говорејќи на маргините на самитот во Казахстан, Путин отворено ја предупреди Ерменија за катастрофални економски последици доколку реши да влезе во ЕУ.
Ерменија е речиси целосно зависна од рускиот гас. Според проценките на Путин, доколку Ереван се повлече од Евроазиската економска унија (ЕАЕУ), цените на енергенсите драстично ќе скокнат, што ќе ја чини Ерменија загуба на најмалку 14% од нејзиниот Бруто домашен производ (БДП).
„Секако, повеќе нема да има отстапки како оние што ги гледаме денес“, предупреди рускиот претседател, испраќајќи злокобна споредба: „Кризата во Украина започна токму со чекорите на Киев за пристапување кон ЕУ“.
Трамп му даде поддршка на Пашинјан, Москва бара итен референдум
Евроазиската економска унија (ЕАЕУ) – во која членуваат Русија, Ерменија, Казахстан, Киргистан и Белорусија – веќе најави дека размислува за суспендирање на членството на Ерменија. Москва побара од Ереван итно да одржи референдум на кој народот ќе каже дали сака сојуз со Русија или со ЕУ.
Анкетите пред јунските избори покажуваат дека партијата на премиерот Пашинјан – кој дојде на власт со револуција во 2018 година – води пред проруската опозиција. Пашинјан доби отворена поддршка и од американскиот претседател Доналд Трамп.
Како пукна сојузот меѓу Русија и Ерменија?
Односите меѓу двете земји ескалираа по воениот конфликт околу Нагорно-Карабах во 2023 година. Ерменија јавно ја обвини Русија и нејзините мировни сили дека целосно потфрлиле и одбиле да ја заштитат ерменската енклава, што му овозможи на Азербејџан со воена акција целосно да ја врати територијата под своја контрола.
Економските санкции од Москва веќе почнаа: За да изврши притисок врз ерменските гласачи, Русија веќе започна со „тивки“ економски санкции против Ереван:
- Се закани со раскинување на поволните договори за снабдување со гас и нафтени деривати.
- Го блокираше извозот на необработени ерменски дијаманти.
- Веќе е воведена забрана за увоз на прехранбени производи и цвеќе од Ерменија во Русија, под изговор на „наводни дефекти во квалитетот“.