Македонија

Активирани агенти со лажен идентитет за инфилтрирање во македонски нарко-банди

Активирани агенти со лажен идентитет за инфилтрирање во македонски нарко-банди

Иако македонското законодавство таксативно дозволува дури 12 различни видови на посебни истражни мерки, домашните органи на прогонот во пракса најчесто се потпираат на три до четири проверени оперативни методи. Извештајот на Јавното обвинителство за 2025 година открива дека најчеста тактика во истрагите е комбинирањето на повеќе мерки за исти цели.

Тајното снимање надвор од домот е апсолутен лидер

Најексплоатирана мерка во текот на 2025 година била Тајното следење и снимање на лица и предмети со технички средства надвор од домот или приватен деловен простор (член 252 став 1 точка 3 од ЗКП). Оваа оперативна мерка била применета во дури 33 случаи, со кои биле опфатени 106 лица со познат идентитет, едно лице со неутврден идентитет и 56 предмети (возила). Ова претставува зголемување на примената за 7 случаи во однос на 2024 година.

Телефонското прислушување на второ место

Веднаш зад физичкото следење се наоѓа класичното прислушување, односно мерката Следење и снимање на телефонските и другите електронски комуникации. Оваа мерка била активирана во 28 случаи, но таа опфатила најголем број на луѓе – дури 140 лица со утврден идентитет биле ставени на „слушалка“ во текот на годината. Во споредба со претходната година, евидентиран е благ раст кај бројот на случаи, но пад кај бројот на прислушувани лица (кои во 2024 година изнесувале 163).

Поткуп, прикриени агенти и дигитална апстиненција

Како исклучително ефикасни се покажале и специфичните симулативни мерки. Мерката Симулиран откуп на предмети била применета во 6 случаи против 17 лица, додека Симулираното давање и примање поткуп била активирана во 6 случаи против 13 лица со цел фаќање на корумпирани функционери или криминалци на дело. Во 3 случаи обвинителите наредиле Контролирана испорака и превоз на лица и предмети, додека во 6 случаи биле ангажирани Лица со прикриен идентитет (прикриени агенти) за инфилтрирање во организирани криминални групи за трговија со дрога. Исто така, во 3 случаи бил извршен Увид во остварени телефонски листи на 22 телефонски линии.

Како занимливост во извештајот се нотира дека македонските истражни органи во текот на цела 2025 година во ниту еден случај не ги примениле мерките за таен увид во компјутерски систем, автоматско пребарување на лични податоци, отворање симулирана банкарска сметка, ниту пак симулирано регистрирање на правни лица

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни