Подобри услови за одржување на хигиената и посовремена опрема за вработените добиваат средните училишта во Скопје. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денеска во средното училиште „Здравко Цветковски“ ги презентираше новите машини за подно чистење, наменети за училниците и ходниците во сите средни училишта под надлежност на Градот.
Ѓорѓиевски посочи дека со новата опрема вработените задолжени за хигиената ќе можат побрзо и потемелно да ги чистат училишните простории. Тој нагласи дека целта е учениците секојдневно да престојуваат во чиста и уредна средина, а персоналот да има подобри услови за работа.
Градоначалникот потсети дека во изминатата година во средните училишта биле обновени спортските терени, а училниците добиле нов мебел, компјутери, лаптопи и интерактивни табли.
Меѓу реализираните активности ги наведе и набавката на шкафчиња за учениците, бесплатните униформи за прва година и лаптопите за првенците на генерацијата. Во средното училиште „Димитар Влахов“, пак, бил отворен фризерско-козметички салон со професионална опрема за практична настава.
Ѓорѓиевски најави и бесплатен ски-викенд за средношколците во текот на претстојната зима, како и продолжување на поставувањето фотоволтаици во училиштата.
Како дел од идните планови, тој најави изградба на две нови средни училишта – едно во Драчево, а друго во Ѓорче Петров, во текот на следната година.