Македонија

Првиот лет од Вроцлав слета во Охрид, наскоро стартува и линијата од Катовице

Првиот лет од Вроцлав слета во Охрид, наскоро стартува и линијата од Катовице

Со слетувањето на првиот авион од полскиот град Вроцлав на охридскиот аеродром денеска официјално беше воспоставена нова авиолинија меѓу Охрид и Полска. Владата очекува новите воздушни врски да придонесат за зголемен туристички промет, развој на локалната економија и поголема меѓународна поврзаност на земјата.

При посетата на Охрид, заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски истакна дека веќе во вторник ќе започне да функционира уште една нова линија од полскиот град Катовице, со што охридскиот аеродром дополнително ќе го зајакне присуството на полскиот пазар.

„Овие две нови линии значат повеќе патници, повеќе туристи и повеќе деловни можности за Македонија. За првпат добиваме директна врска со Вроцлав, дестинација која досега никогаш не била поврзана со нашата држава. Заедно со линијата од Катовице, очекуваме значително зголемување на бројот на посетители во Охридскиот регион“, изјави Николоски.

Тој нагласи дека новите летови не треба да се гледаат само како сезонски туристички линии, туку како можност за дополнителен економски развој и подобра поврзаност на регионот со европските пазари. Според него, позитивен ефект ќе почувствуваат Охрид, Струга, Дебарца и поширокото крајбрежје.

Николоски потсети дека од оваа недела повторно се воспоставуваат и летовите на релациите Белград–Охрид и Истанбул–Охрид, што дополнително ќе придонесе за зголемена достапност на туристичката дестинација.

Осврнувајќи се на резултатите во авиосообраќајот, министерот посочи дека македонските аеродроми во првите пет месеци од годинава бележат раст од 31,2 проценти во споредба со истиот период лани, што, како што оцени, претставува највисок раст во регионот.

„Минатата година за првпат беше надмината границата од три милиони патници. Првичната цел беше во следните две до три години да достигнеме 3,5 милиони патници, но со сегашната динамика тоа може да се случи уште оваа година. Следната цел е да стигнеме до четири милиони патници на годишно ниво“, рече Николоски.

Тој упати благодарност до концесионерот ТАВ и до пратениците во Собранието за поддршката во спроведувањето на политиките за развој на авиосообраќајот, оценувајќи дека позитивните резултати се показател за успешноста на вложувањата во овој сектор.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни