Македонија

Новиот клинички центар ќе се гради кај салата „Борис Трајковски“ – преку подземен тунел ќе се поврзат со „8-ми Септември“

Новиот клинички центар ќе се гради кај салата „Борис Трајковски“ – преку подземен тунел ќе се поврзат со „8-ми Септември“

Владата останува на ставот дека новата Клиничка болница во Скопје ќе се гради на платото во близина на базенот кај спортската арена „Борис Трајковски“, потврди денеска премиерот Христијан Мицкоски. Според него, оваа локација нуди најдобро решение за заокружување на еден модерен здравствен комплекс.

Бидејќи станува збор за земјиште во приватна сопственост, во тек се преговори со сопственикот за размена на парцели („земја за земја“). Премиерот изрази задоволство од досегашниот тек на преговорите.

„Сакаме тука да го направиме целиот комплекс кој со подземен тунел би се поврзал со актуелната болница ‘8-ми Септември’. Со оглед на тоа што во непосредна близина се наоѓаат и ПЕТ-центарот и поликлиниката ‘Букурешт’, ова ќе биде еден целосно заокружен медицински центар“, појасни Мицкоски на денешниот брифинг со новинарите.

Паралелно со проектот во Скопје, премиерот најави дека Владата продолжува и со реализација на неколку клучни капитални објекти во здравството низ државата. Меѓу нив се изградбата на Клиничката болница во Штип (заедно со медицински факултет и студентски дом), Клиничката болница во Тетово, како и новиот Здравствен дом со проширена дејност во Кичево.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни