Главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд (МКС), Карим Кан, е суспендиран од својата функција по влегувањето на дисциплинската постапка за сексуална злоупотреба во финалната фаза. Ова е невиден потег во историјата на судот со седиште во Хаг, а конечната одлука за неговата кариера сега е во рацете на земјите-членки.
Извршниот комитет на управното тело на МКС гласаше случајот против Кан да биде упатен на посебна седница пред 125-те држави потписнички на Римскиот статут. Според документите до кои дојде британски „Гардијан“, комитетот (составен од претставници на 21 земја) со квалификувано мнозинство утврдил дека Кан направил сериозно кршење на прописите.
Од управното тело на судот нагласуваат дека суспензијата „не прејудицира конечен исход од постапката“, но јасно е дека британскиот адвокат се соочува со најголемата криза во својата кариера.
Хронологија на аферата
- 2024 година: Службено лице од МКС поднесува пријава против Кан за сексуално вознемирување и злоупотреба.
- Наводите: Оштетената тврди дека во периодот меѓу 2023 и 2024 година била изложена на принудно, неконсензуално сексуално однесување за време на службени патувања, во хотелски соби, во канцеларијата во Хаг и во неговиот дом.
- Последици: Овие обвинувања веќе две години го тресат Хашкиот суд и го доведуваат во прашање неговиот кредибилитет како институција која ги гони најтешките светски злосторства.
Карим Кан, кој раководи со Обвинителството од 2021 година, категорично ги отфрла сите обвинувања. Неговите адвокати изјавија дека тој „ниту присилувал, ниту злоупотребил некого, ниту пак постапил професионално несоодветно“. Додека трае процесот, Кан веќе привремено се повлече од тековното водење на обвинителството.