Македонија

Со гаранција од над 500 илјади евра: Нино Васев и Нехат Нухи пуштени од притвор

Со гаранција од над 500 илјади евра: Нино Васев и Нехат Нухи пуштени од притвор

Поранешните директори на Клиниката за радиотерапија и онкологија, Нино Васев и Нехат Нухи, ќе се бранат од слобода откако судот ја прифати понудената имотна гаранција.

Васев, кој беше медицински директор на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија, и Нухи, поранешен организациски директор на Клиниката, излегуваат од притвор по дадена гаранција во вкупна вредност од над 500 илјади евра во недвижен имот.

Од Основниот кривичен суд Скопје информираа дека на Васев му е определена гаранција во износ од 183.981 евра, која се обезбедува со ставање под хипотека на недвижен имот.

За Нухи, пак, е прифатена гаранција во износ од 348.049 евра, исто така преку хипотека на недвижен имот.

Покрај гаранцијата, на двајцата обвинети им се определени и мерки на претпазливост. Тие добија забрана за напуштање на живеалиштето, обврска еднаш месечно да се јавуваат во судот, како и привремено одземање на патните исправи и забрана за издавање нова патна или друга исправа за преминување на државната граница.

Судот претходно го разгледал предлогот на одбраната за укинување на притворот, при што било земено предвид и позитивното мислење од надлежното Јавно обвинителство. По прифатената гаранција и исполнувањето на условите, двајцата обвинети се пуштени да се бранат од слобода.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни