Домашниот пазар на е-трговија продолжува да бележи раст, а граѓаните отсега ќе имаат уште полесен начин да проверат дали купуваат од проверени и регистрирани онлајн продавачи. Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (АЕТМ) го објави најновото ажурирано издание на Регистарот на е-трговци, кој има за цел да ја зголеми безбедноста при онлајн купувањето и да помогне во спречување на интернет измами.
Според податоците на Народната банка, во текот на 2025 година во државата биле евидентирани 1.829 места на продажба за е-трговија, од кои 1.396 биле активни и реализирале најмалку една трансакција во текот на годината.
Регистарот претставува единствена база на податоци за домашните онлајн продавници кои овозможуваат плаќање со платежни картички. Тој се ажурира во соработка со Комерцијална банка, НЛБ Банка, Стопанска банка, Халк Банка и УНИБанка, кои процесираат електронски трансакции.
Во најновото издание се опфатени 1.374 активни е-продавници распределени во 25 категории. Најголема застапеност имаат продавниците за козметика, производи за убавина и нега, облека, обувки и модни додатоци, храна и пијалаци, бела техника и електроника, туризам, веб-услуги, стриминг содржини, едукација, како и производи за домот и градината.
Податоците покажуваат дека домашната е-трговија повеќе не е фокусирана само на традиционалните категории. Сè поголем удел имаат услугите, образованието, туризмот и дигиталните производи, што укажува на проширување на понудата и промена на навиките на потрошувачите.
Дополнителен показател за развојот на секторот е и растот на вкупната вредност на онлајн трансакциите. Анализата на АЕТМ, базирана на податоци од Народната банка, покажува дека во 2025 година вредноста на онлајн плаќањата достигнала 950 милиони евра, што е за 32 проценти повеќе во споредба со претходната година. Од оваа сума, 522 милиони евра завршиле кај македонските е-трговци.
Претседателката на АЕТМ, д-р Нина Ангеловска Станков, истакнува дека регистарот овозможува подобар увид во структурата на домашниот пазар и во категориите што бележат најголем раст.
Покрај информативната улога, регистарот има и значајна безбедносна функција. Со оглед на тоа што голем дел од онлајн измамите се поврзани со нерегистрирани продавачи, особено на социјалните мрежи, граѓаните преку регистарот можат лесно да проверат дали одреден продавач е регистриран правен субјект и дали користи официјален систем за онлајн плаќање преку банка.
Регистарот придонесува и за поголема транспарентност на пазарот и намалување на сивата економија, додека за самите е-трговци претставува дополнителна потврда за доверливост и професионалност.
Во него се вклучени сите е-трговци со регистриран правен субјект во земјава и интегрирано онлајн плаќање преку една од петте банки, кои реализирале најмалку една електронска трансакција во текот на 2025 година.
Регистарот е јавно достапен и може да се пребарува според веб-адреса, правен субјект или категорија на е-продавница. За неговото ажурирање, АЕТМ користела и алатки базирани на вештачка интелигенција за автоматизирана проверка на активноста, достапноста и категоризацијата на е-продавниците.