Македонија

Доктор и медицинска сестра пријавени за обид за шверц на ботокс вреден над 600 илјади денари

Доктор и медицинска сестра пријавени за обид за шверц на ботокс вреден над 600 илјади денари

Обид за внесување на голема количина ботокс преку поштенска пратка бил спречен од страна на царинските службеници, по што Царинската управа поднела кривична пријава против две лица – доктор и медицинска сестра.

Според информациите од Царината, пријавените се сомничат дека се обиделе да внесат 199 вијали со ботокс, со вкупна вредност од околу 615 илјади денари, при што производите биле прикажани како козметички примероци со значително помала вредност.

Случајот бил откриен при детална контрола во Царинска испостава Скопје 1, каде што била проверена поштенска пратка пријавена за увозно царинење. Во документацијата била приложена фактура во која биле наведени 10 козметички производи со вредност од 80 американски долари.

При отворањето на пратката, царинските службеници откриле дека наместо пријавените производи, во неа се наоѓаат 199 вијали со ботокс, кој се користи во естетската медицина и за чиј увоз постојат посебни законски услови.

По откривањето, случајот бил преземен од Одделението за истраги при Царинската управа, кое спровело предистражни дејствија. По наредба на јавен обвинител биле извршени и претреси на три локации.

Во текот на постапката било утврдено дека првоосомничениот, доктор вработен во Универзитетскиот клинички центар „Мајка Тереза“, нарачал ботокс од компанија во Република Кореја. Според сомнежите, тој се договорил производите во фактурата да бидат прикажани како козметички производи со вкупна вредност од 80 долари.

Дополнително, се сомничи дека од второосомничената, медицинска сестра вработена во истата здравствена установа, побарал пратката да биде испратена на нејзино име и адреса. Таа, според пријавата, помогнала на тој начин што се согласила да биде наведена како примач и ја платила фактурата преку својата трансакциска сметка.

Царинската управа информира дека против двете лица е поднесена кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје за кривични дела – криумчарење и царинска измама.

Од институцијата апелираат дека секој обид за незаконско внесување на стока ќе биде санкциониран, особено кога станува збор за производи што се регулирани и можат да влијаат врз здравјето на граѓаните.

„Увозот на ботокс е строго регулиран и подлежи на посебни дозволи од надлежни институции. Секоја измама поврзана со вакви производи претставува сериозен ризик“, предупредуваат од Царинската управа.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни