Македонија

Македонскиот рубин доби официјална заштита и стана национално богатство

Македонскиот рубин доби официјална заштита и стана национално богатство

Македонскиот рубин официјално доби статус на заштитено национално минерално наследство, со што е направен значаен исчекор во зачувувањето на едно од највредните природни богатства на државата. Одлуката ја соопшти министерката за енергетика Сања Божиновска, која нагласи дека со ова се заокружува процесот на заштита започнат во септември минатата година.

„Го заштитивме македонскиот рубин. Му благодарам на Геолошкиот завод за соработката. Сега имаме нешто автентично македонско што е официјално заштитено. Продолжуваме со активности за заштита и на одредени видови мермер“, изјави Божиновска.

Македонскиот рубин е редок полускапоцен камен, препознатлив по својата карактеристична малиново‑розева боја, која произлегува од присуството на хром во неговата кристална структура. Геолозите го сметаат за исклучителна природна појава, бидејќи се среќава само во околината на Прилеп и на планините во Мариово. Поради реткоста и специфичните геолошки особености, македонскиот рубин се смета за единствен природен рубин во копнена Европа што се експлоатира и обработува локално.

Покрај високата минералошка и колекционерска вредност, рубинот претставува силен симбол на природното и културното наследство на Македонија. По неговата заштита, Министерството за енергетика најави дека следна цел ќе биде заштита на одредени видови македонски мермер, со намера и тие да добијат соодветен статус и да бидат препознаени како национално минерално богатство.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни