Полицијата приведе четири лица во рамки на истрагата за смртта на 48-годишна жена, чие тело било пронајдено во близина на скопското село Летевци. Првоосомничен за убиството е 51-годишен маж од скопско, кој два дена претходно пријавил дека жената исчезнала.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека на 28 јуни, во 01:20 часот, полициски службеници од СВР Скопје го лишиле од слобода С.Г. (51), кој престојувал во селото Таор, поради сомнение дека го сторил кривичното дело „убиство“ врз 48-годишната Ж.Г.
Според информациите, на 26 јуни С.Г. пријавил во полициска станица дека жената, со која живееле во иста куќа, се оддалечила од домот. Еден ден подоцна, тој повторно се обратил во полиција, пријавувајќи дека ја пронашол почината во близина на селото Летевци.
На местото на настанот излегле полициски службеници и јавен обвинител, а телото, кое било во фаза на распаѓање, по наредба на обвинителот било предадено на Судска медицина за обдукција.
По извршениот службен разговор, С.Г. бил лишен од слобода, а во врска со случајот приведени се и З.М. (62), Г.Б. (64) и М.Д. (69).
Од МВР соопштуваат дека, во координација со јавен обвинител, се преземаат дополнителни мерки и активности за целосно расчистување на случајот.