Македонија

Џокси се прости од Владо: „Седевме пред зграда со гитара во рацете, нè нарекуваа Чаирските романтичари“

Џокси се прости од Владо: „Седевме пред зграда со гитара во рацете, нè нарекуваа Чаирските романтичари“

Македонскиот пејач Ѓорѓе Васиќ, познат како Џина Папас Џокси, се прости од Владо Јаневски со емотивна објава на социјалната мрежа Фејсбук.

„Нè нарекуваа ‘Чаирските романтичари’, поради песните што ги создававме во тоа време, седејќи на Камчето зад зградата, со гитари во раце. Тоа беа години исполнети со музика, соништа и искрени пријателства. Со Владо се запознавме на почетокот од осумдесеттите години. Заедно со Роберт дојдоа кај мене на улица ‘Крсто Асенов’ број 10 и ми понудија да отпеам една нивна песна, која, ако добро се сеќавам, се викаше ‘Ајша’ или нешто слично. Со задоволство им излегов во пресрет и песната ја снимивме за потребите на Македонското радио. Сепак, не можев да ја прифатам нивната понуда да станам нивен пејач, бидејќи во тој период заминував од Македонија.“

„На почетокот од деведесеттите повторно се сретнавме и дружењето продолжи, но веќе во поинакви околности – како колеги на македонската естрада. Владо беше со ‘Ластовица’, а јас ја градев мојата соло кариера. Во 1995 година дури делевме и иста хотелска соба за време на Интерфест во Битола.“

„Со текот на времето, кога Владо започна самостојна музичка кариера, се променија некои негови навики. Стана повлечен, целосно посветен на музиката и кариерата. Тоа му донесе големи успеси и заслужено место на македонската музичка сцена. Фотографијата што ја споделувам е направена во 2010 година на улица Македонија, заедно со Роберт и Владо. Тоа беше нашата последна средба и последната заедничка фотографија. Почивај во мир, Владо. Ќе останеш запаметен преку музиката и спомените што ги остави зад себе“, напиша пејачот.

Македонската музичка сцена изгуби едно од своите најголеми и најпрепознатливи имиња. По кратко боледување, на 66-годишна возраст, почина познатиот музичар и пејач, кој зад себе остави богата кариера со безброј хитови што ја обележаа македонската поп-музика во изминатите децении. Тој важеше за еден од најдобрите кантавтори и вокалисти на овие простори, чии рефрени ги пеат многу генерации. Од големата музичка легенда се простуваат бројни колеги и пријатели, меѓу кои Калиопи, Игор Џамбазов, Елена Ристеска, Тамара Тодевска, Тијана Дапчевиќ, Каролина Гочева, Слаткар, Влатко Лозановски, Дарио, Ребека и многу други.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни