Собранието ги усвои измените и дополнувањата на Законот за земање и пресадување делови од човечкото тело заради лекување, со кои секој полнолетен граѓанин ќе може со изјава кај својот матичен лекар или преку системот „Мој термин“ однапред да одлучи дали по смртта ќе биде дарител на органи.
Законот беше изгласан по скратена постапка, со поддршка од 58 пратеници, додека шест гласаа против. Министерството за здравство оцени дека измените значително ја унапредуваат правната и институционалната рамка за органодарителство и трансплантација во земјата.
Како една од клучните новини се проширува кругот на живи дарители: органи ќе можат да даруваат и сродници до четврти степен. Секој поединечен случај ќе го разгледува Етичка комисија, која ќе ја проверува доброволноста на одлуката и ќе спречува можни злоупотреби.
Граѓаните ќе можат јасно да ја изразат својата волја преку нова услуга во „Мој термин“ или со изјава кај матичниот лекар. Изјаснувањето ќе биде обезбедено со двојна потврда и во секое време ќе може да се измени или повлече.
Според Министерството, усвоениот закон е важен чекор кон пофункционален, поефикасен и подостоинствен систем на органодарителство и трансплантација, во интерес на пациентите и јавното здравје. Од институцијата порачаа дека остануваат посветени на зајакнување на трансплантацискиот систем, унапредување на јавната свест и градење доверба, бидејќи дарувањето органи ѝ дава највисока смисла на човечноста.