Тешко кривично дело е регистрирано во скопската населба Ченто, каде 14-годишно момче било брутално нападнато и повеќепати избодено со нож, по што завршило во болница со сериозни повреди.
Според информациите што ги пренесува 24инфо, семејството на повредениот малолетник тврди дека нападот се случил без никаква причина.
Како што раскажуваат родителите, момчето околу 21:30 часот излегло од својот дом со намера да се сретне со братучеди и се движело кон улицата „Финска“ во населбата Ченто.
На патот, според нивните тврдења, било пресретнато од три лица кои веднаш започнале физички напад. Во текот на инцидентот, едно од лицата извадило нож и му нанело седум убодни рани во грбот, по што напаѓачите продолжиле да го удираат сè додека не изгубил свест, оставајќи го на местото.
Малолетникот подоцна бил пронајден од случаен минувач, кој повикал Итна медицинска помош и полиција. Повредениот бил пренесен во Ургентниот центар, каде што му била извршена хируршка интервенција.
Семејството бара институциите итно да го расчистат случајот и сторителите да бидат пронајдени и санкционирани, наведувајќи дека нивниот син не дал никаква причина за нападот.
Од Министерство за внатрешни работи информираат дека случајот е пријавен и се преземаат мерки за негово целосно расчистување. Во полицискиот билтен стои:
„На 22.06.2026 околу 23:05 часот во СВР Скопје е пријавено дека на подрачјето на Гази Баба, малолетник бил физички нападнат од три лица, од кои едното му нанело повреда со остар предмет.“
Истрагата е во тек, а полицијата работи на идентификација и пронаоѓање на напаѓачите.