Цените на основните прехранбени и животни производи се под засилен надзор на државните институции, кои во овој период спроведуваат анализа на пазарот со цел утврдување на движењата и можните корекции на економските политики.
Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, истакна дека Државниот пазарен инспекторат активно ги следи цените на околу 700 есенцијални производи кои се дел од потрошувачката кошничка на едно просечно македонско семејство.
Тој најави дека за околу една недела ќе бидат познати комплетните резултати од анализите, врз основа на кои ќе се утврдуваат идните мерки и насоки на економската политика.
„Посетени се многу објекти и ќе знаеме која економска политика понатаму да ја примениме и како Влада и како Министерство за економија и труд“, изјави Ристески.
Тој посочи дека се очекува стабилизација на цените, нагласувајќи дека инфлацијата во земјата, според него, е на пониско ниво во споредба со регионот.
„Очекуваме цените да паѓаат и да не растат, освен ако има одредени економски услови за тоа. Имаме берзански производи на кои не можеме да влијаеме, но целта е инфлацијата да остане ниска“, додаде тој.
Ристески нагласи дека анализите ќе утврдат каде постојат повисоки трговски маржи и дали има простор за намалување на цените кај одредени производи.
„Самите анализи ќе кажат колку изнесуваат маржите и каде може да се коригираат цените. Ќе видиме каде има економска логика, а каде не“, рече тој, додавајќи дека резултатите ќе бидат наскоро објавени.
Тој потсети дека во изминатите две години се работи на стабилизирање на ценовните движења, наведувајќи дека претходно земјата имала повисоки стапки на инфлација.
„Сега ситуацијата е поинаква, имаме една од најниските инфлации во регионот и пониски цени на основните прехранбени производи“, истакна Ристески.
Според него, целта на Владата е да се заштити животниот стандард на граѓаните, без притоа да се создадат дополнителни економски потреси.
„Приоритет е да го штитиме стандардот на граѓаните, но и да не предизвикаме нови шокови во економијата“, додаде заменик-министерот.