Родителите и старателите на децата кои вршат врсничко насилство наскоро ќе се соочат со парични казни. Законските измени кои го предвидуваат ова се веќе во собраниска процедура, потврди министерката за образование и наука, Весна Јаневска. Оваа мерка доаѓа како одговор на алармантниот тренд на насилство меѓу малолетниците и сериозниот дефицит од воспитна компонента во семејствата.
„Недостасува поголема грижа и посветеност од многу семејства кон своите деца. Последниот случај покажа деца со недостиг на емпатија и со изобличени вредности. Едни се изживуваат врз дете, а други стојат настрана, снимаат и се забавуваат. Ова е плод на недостиг на воспитна врска меѓу родителите и децата“, изјави Јаневска на панел-дискусијата во Гази Баба.
Најавата за казни доаѓа веднаш по последниот драматичен случај на насилство во скопската општина Аеродром, кој беше снимен и споделен на социјалните мрежи.
Според МВР, мајка на 12-годишно девојче пријавила дека нејзината ќерка била брутално малтретирана во парк. Две малолетнички (од кои едната на 14 години) ја натерале жртвата двапати да клекне на колена и да им се извинува, по што физички ја нападнале. Целиот настан со мобилни телефони го снимале група малолетници кои се забавувале со чинот.
- Извршен е службен разговор со две малолетнички во присуство на нивните родители.
- Вклучени се Јавен обвинител за малолетници и Центарот за социјални работи.
- МВР работи на идентификација на останатите присутни и најави кривични пријави по два члена од Кривичниот законик: Член 386 (Насилство) и Член 201 (Запуштање и малтретирање на малолетно лице).