Македонија

Моника Зајкова избрана за потпретседателка на Парламентарното собрание на ОБСЕ

Моника Зајкова избрана за потпретседателка на Парламентарното собрание на ОБСЕ

Македонија доби претставник во највисокото раководство на Парламентарното собрание на ОБСЕ, откако пратеничката и претседателка на ЛДП, Моника Зајкова, беше избрана за потпретседателка на организацијата на годишната сесија што се одржа во Хаг.

Зајкова ја доби поддршката од парламентарните делегации на 57 земји членки на ОБСЕ од Европа, Северна Америка и Централна Азија. За истата функција кандидати имаа и претставници од Полска, Франција и Словенија.

По изборот, Зајкова истакна дека функцијата претставува големо меѓународно признание, не само за неа и за ЛДП, туку и за целата држава.

„Ова е успех за сите мои сограѓани. Во Хаг покажавме дека можеме рамноправно да се натпреваруваме со претставници на најмоќните демократии во светот. Треба повеќе да веруваме во сопствените капацитети и во тоа што Македонија може да го понуди на Европа и светот“, изјави Зајкова.

Таа се заблагодари за единството на македонската делегација и за довербата што ја добила од колегите од земјите членки на ОБСЕ, нагласувајќи дека во наредниот период ќе работи на унапредување на демократското учество и на механизмите за мирно решавање на конфликти.

Потпретседателите на Парламентарното собрание на ОБСЕ се избираат со мандат од три години и се дел од највисокото раководство на организацијата, која обединува повеќе од 300 пратеници од 57 земји членки.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни