Македонија

Сиљановска-Давкова: Принципите на еднаквост, солидарност и кредибилност во НАТО, да се применуваат и во ЕУ

Сиљановска-Давкова: Принципите на еднаквост, солидарност и кредибилност во НАТО, да се применуваат и во ЕУ

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска се обрати на 36. Самит на НАТО, којшто се одржува во Анкара.

Таа истакна дека шефовите на држави и влади на Самитот испратиле силна порака за единство, солидарност и заедничка одговорност на сојузниците во справување со глобалните безбедносни предизвици.

Според неа, земјите-членки покажале јасна подготвеност да го преземат својот дел од товарот во обезбедувањето на заедничката безбедност преку јакнење на сопствените одбранбени способности и зголемување на инвестициите во одбраната.

Претседателката посочи дека македонската држава останува посветен и кредибилен сојузник, којшто активно придонесува кон безбедноста на Алијансата и продолжува со унапредување на своите одбранбени капацитети.

Осврнувајќи се на европската перспектива на Западен Балкан врзано за регионалната стабилност, Сиљановска-Давкова укажа дека принципите на еднаквост, солидарност и кредибилност, кои се манифестираат во рамките на НАТО, треба доследно да се применуваат и во процесот на европската интеграција. Според неа, обединета Европа не може да биде целосна без интеграција на регионот и крајно време е по 13 години да се откочи процесот на прием на нови членки.

Таа оцени дека кохезијата меѓу сојузниците останува најсилната гаранција за зачувување на мирот, стабилноста и безбедноста, додавајќи дека мирот, дијалогот и почитувањето на меѓународното право се темелните предуслови за траен демократски развој.

Според претседателката, мотото „Посилна Европа, посилно НАТО“ ја добива својата целосна смисла само доколку се темели врз единство, демократија и мир.

„Проширена и обединета Европа е посилна Европа, но најсилна е Европа која живее во мир и останува доследна на принципите и вредностите врз кои е изградена евроатлантската заедница“, порача Сиљановска-Давкова.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни