Европскиот парламент даде зелено светло за продолжување на преговорите за воведување на дигиталното евро, стабилна дигитална валута со која Европската централна банка сака да го зајакне монетарниот суверенитет на Европа и да им понуди на граѓаните безбедна алтернатива за плаќање. Иако криптовалутите како Биткоин беа најавувани како револуција во плаќањата, поради силните осцилации на нивната вредност во пракса и понатаму доминираат готовината и платежните картички, пренесува Дојче Веле.
Воведувањето на дигиталното евро не е само технолошка надградба, туку и геополитичка неопходност. Европа во голема мера зависи од американски платни системи како Виза и Мастеркард, додека услуги за мобилно плаќање како Гугл Пеј, Епл Пеј и Пејпал создаваат дополнителна зависност. Во свет во кој трговските правила може ненадејно да се променат, независноста во управувањето со сопствената валута станува сè поважна.
„Кога би се пресметувале сите трансакции во долари, а дигиталното евро не би постоело, тоа би ја ограничило можноста на Европската централна банка да управува со сопствената валута“, изјави за Дојче Веле Бас ван Донселаар од консултантската компанија Пејментџинс. Како што трговијата сè повеќе се префрла на интернет, дигиталното евро би можело да помогне во подобро управување со паричната маса и заштита на еврото од надворешни шокови.
Други големи економии веќе отидоа чекор понатаму. Кина предничи со својот дигитален јуан (е-јуан), за кој од 2020 година се отворени повеќе од 230 милиони приватни и речиси 19 милиони деловни дигитални паричници.
Еден од клучните предизвици е што дигиталното евро нема да функционира како класична трансакциска сметка. Во спротивно, за време на економска криза, граѓаните би можеле масовно да префрлаат средства од банките во сигурното дигитално евро, што би го загрозило банкарскиот систем. „Ако нема ограничување колку дигитални евра може да поседуваат граѓаните, тоа ќе стане замена за банкарските сметки“, предупредува Емануел Ориол, економистка од Тулуското училиште за економија.
За да го спречи тоа, Европската централна банка планира заштитни механизми. Еден од предлозите е ограничување од 3.000 евра на средства во дигитални евра, при што вишокот автоматски би се пренасочувал кон поврзаната банкарска сметка. Дополнително, дигиталното евро не би носело камата за да се намали поттикот за повлекување на штедните влогови од банките, а ни правните лица не би смееле да држат големи суми во дигитални евра.
Прашањето за приватноста останува меѓу најголемите грижи на потрошувачите. Дел од јавноста стравува дека дигиталната валута на централната банка може да овозможи државен надзор врз финансиските текови, со споредби со кинескиот систем на социјални кредити. Ориол смета дека таквите споредби се неоправдани и нагласува дека заштитата на приватноста може да се усогласи со мерките за спречување на криминал, без создавање инструменти за општествен надзор.
Европската централна банка планира да овозможи и директни плаќања меѓу паметни телефони, со што во секојдневните трансакции би се зачувала анонимност слична на онаа што ја нуди готовината. Евелиен Витлокс, директорка на проектот за дигиталното евро при Европската централна банка, ги опиша плановите како „безбедна јавна опција за дигитални плаќања што ја спојува едноставноста и практичноста на современите начини на плаќање со довербата и стабилноста на готовината“.
Важен аспект се и трошоците за прифаќање плаќања. Трговците сега за секое плаќање со картичка плаќаат меѓу 0,5 и 1,5 отсто, што го делат банките и давателите на платни услуги. Дигиталното евро треба да ги намали тие трошоци, но банките истакнуваат дека токму овие надоместоци ја финансираат дигиталната инфраструктура. „Пронаоѓањето рамнотежа меѓу моделот на надоместоци за банките и трговците е пресудно. Пониските трошоци за трговците се разбирливи, но најголемиот дел од работата ќе ја извршуваат банките, па и ним им е потребен одржлив деловен модел“, вели ван Донселаар.
За да биде широко прифатено, дигиталното евро треба да има статус на законско средство за плаќање. Тоа би значело дека секој трговец кој располага со терминал за картични плаќања ќе мора да го прифаќа, без дополнителни надоместоци за потрошувачите. „Како и кај физичките банкноти, неговата вредност би ја гарантирал Евросистемот. Затоа дигиталното евро секогаш вреди исто како и обичното евро. За разлика од криптовалутите, неговата вредност е стабилна и не осцилира“, појаснува Витлокс. Дигиталното евро би можеле да го понудат и членки на Европската Унија кои сè уште немаат ја воведено заедничката валута, а системот би функционирал и без интернет-врска, што е корисно при прекини на напојувањето со електрична енергија.
Иако до целосната примена има уште време, Европскиот парламент даде зелено светло за продолжување на преговорите со Советот на Европската Унија и Европската комисија, а европските носители на одлуки целат правната рамка да биде усвоена уште оваа година. Пилот-проект е планиран за 2027 година, додека целосната примена би можела да следи во 2029 година.