Македонија

По три години привремени решенија: Трајно се санира големиот дефект на булеварот „Борис Трајковски“

По три години привремени решенија: Трајно се санира големиот дефект на булеварот „Борис Трајковски“

Екипите на ЈП „Водовод и канализација“ денеска започнаа со целосна и трајна санација на сериозниот дефект на булеварот „Борис Трајковски“.

Овој проблем со години предизвикуваше тешкотии во водоснабдувањето на жителите од неколку населени места, меѓу кои Пинтија, Усје, Долно Лисиче, Драчево, Батинци, Студеничани и Зелениково.

Станува збор за сериозно оштетување на водоводна цевка со профил Ф600, кое настанало при градежни активности пред три години. Наместо долгорочно санирање, во изминатиот период се применувале само привремени решенија, поради што дефектот постојано се повторувал.

Со денешниот зафат целосно се менува оштетениот дел од цевката во должина од пет метри. Со оваа интервенција конечно се обезбедува сигурно и квалитетно решение за водоводната мрежа, и тоа пред да започне финалната изградба на булеварот „Борис Трајковски“.

Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, упати благодарност до граѓаните за покажаното трпение и разбирање во текот на денот, како и до теренските екипи на ЈП „Водовод и канализација“ кои работат со максимален ангажман за овој долгогодишен проблем конечно да биде решен.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни