Со порака дека Владата мора постојано да се преиспитува и да се насочува кон резултати, премиерот Христијан Мицкоски во Собранието ја образложи реконструкцијата на владиниот состав и предлозите за разрешување на дел од министрите.
Мицкоски порача дека смените не треба да се гледаат како неуспех на досегашните министри, туку како дел од одговорноста на една Влада која, како што рече, не смее да функционира како „влада на комфор“, туку како влада која постојано бара подобри резултати.
„Од првиот ден кога ја презедовме одговорноста кажав дека оваа Влада нема да биде влада на комфор, туку влада на резултати. Нема да биде влада во која функциите ќе се сметаат за стекнато право, туку за обврска што секој ден повторно мора да се заслужува“, рече Мицкоски.
Тој истакна дека довербата што граѓаните ја дале не им припаѓа на политичките партии или на носителите на функции, туку единствено на граѓаните.
„Влада што престанува да се преиспитува, почнува да стагнира. А влада што стагнира, ја успорува и државата“, порача премиерот.
Мицкоски упати благодарност до досегашните министри кои заминуваат од функциите, посочувајќи дека нивниот труд и придонес треба да бидат вреднувани.
Тој се осврна на работата на поранешниот министер за култура Зоран Љутков, посочувајќи дека буџетот за култура бил зголемен од 768 милиони денари во 2023 година на повеќе од една милијарда денари во 2026 година, а буџетот за туризам од 58 милиони на 187 милиони денари.
Мицкоски се заблагодари и на Цветан Трипуновски за работата во земјоделскиот сектор, наведувајќи дека биле исплатени повеќе милијарди денари заостанати обврски и финансиска поддршка за земјоделците.
За досегашниот министер за правда Игор Филков рече дека биле подготвени 33 реформски законски решенија, додека за Азир Алиу и Фатмир Лимани посочи дека одговорно ги извршувале своите функции.
Премиерот во обраќањето упати критики кон претходната власт, обвинувајќи ја за ослабени институции, нарушени јавни финансии и изгубена доверба кај граѓаните.
„Ја презедовме државата со разнишани институции, нарушени јавни финансии, закочени капитални проекти и изгубена доверба кај граѓаните. Денес работиме на враќање на довербата во институциите и стабилизирање на државата“, рече Мицкоски.
Тој нагласи дека разликата меѓу политиките, според него, треба да се оценува преку резултатите, а не преку политички пораки.
„Не бараме граѓаните да ни веруваат на збор. Бараме да ги споредат визиите и резултатите. На крајот, граѓаните се тие што ќе судат“, порача премиерот.