Македонија

Собранието разреши седум министри во рамки на реконструкцијата на Владата

Собранието разреши седум министри во рамки на реконструкцијата на Владата

Собранието денеска ги изгласа разрешувањата на дел од членовите на Владата, како дел од најавената реконструкција предложена од премиерот Христијан Мицкоски. На 112. седница беа разрешени седум министри и двајца заменици министри.

Од функциите заминуваат министрите за правда Игор Филков, за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски, за односи меѓу заедниците Игор Стоиљковиќ, за здравство Азир Алиу, за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани, за локална самоуправа Златко Перински, како и министерот без ресор Шабан Салиу.

Разрешени се и замениците министри за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски и за култура и туризам Седат Сулејмани.

Образложувајќи ја одлуката пред пратениците, премиерот Мицкоски порача дека реконструкцијата е дел од принципот на Владата функциите да се гледаат како обврска, а не како привилегија.

„Од првиот ден кога ја презедовме одговорноста кажав дека оваа Влада нема да биде Влада на комфор, туку Влада на резултати. Функциите не се стекнато право, туку обврска која секој ден повторно мора да се заслужува“, рече Мицкоски.

Тој нагласи дека промените не треба да се толкуваат како негирање на досегашната работа на министрите, туку како отворање на нова етапа во работата на Владата.

„Денес не се збогуваме со луѓе кои не работеле, туку со луѓе кои во различни ресори дадоа свој придонес за реализација на програмата за која граѓаните ни ја дадоа довербата“, посочи премиерот.

Според него, целта на реконструкцијата е поголема ефикасност и продолжување со реализација на владината програма.

Од опозициските редови, пак, оценија дека промените се политички мотивирани и дека реконструкцијата не е само кадровска, туку и подготовка за можни предвремени избори.

Пратеникот Борислав Крмов од Левица ја критикуваше одлуката за смена на министерот за земјоделство Цветан Трипуновски, посочувајќи дека владејачките пратеници претходно го фалеле неговото работење.

„Ако работел добро, зошто сега го менуваме?“, праша Крмов, додавајќи критики за состојбите во земјоделството и исплатата на субвенциите.

Тој оцени дека ресорот земјоделство со години се користи како политички договор меѓу коалициските партнери, наместо како стратешки сектор за државата.

Крмов се осврна и на распределбата на ресорите, оценувајќи дека со промените најмногу губи ЗНАМ, додека коалицијата ВЛЕН добива дополнителен политички простор преку преземањето на Министерството за правда.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни