Македонија

Обвинителите бараат реакција од Уставниот суд: Намалувањето на платите ја загрозува независноста

Обвинителите бараат реакција од Уставниот суд: Намалувањето на платите ја загрозува независноста

Советот на јавните обвинители, Јавното обвинителство на Република Северна Македонија и Здружението на јавните обвинители јавно изразија загриженост поради тоа што Уставниот суд сè уште нема донесено одлука по иницијативите со кои се оспоруваат законските измени за намалување на платите на јавните обвинители и членовите на Советот на јавните обвинители.

Според заедничкото соопштение, со последните законски измени по третпат се намалени коефициентите за пресметка на платите, што, како што наведуваат, создало значителен јаз меѓу статусот на јавните обвинители и судиите и директно ја довело во прашање уставно гарантираната самостојност на обвинителството.

Од институциите потенцираат дека финансиската независност претставува една од клучните гаранции за независно, професионално и непристрасно извршување на јавнообвинителската функција и дека таа не смее да биде предмет на повторливи законски интервенции без јасни и уставно оправдани причини.

Во реакцијата се потсетува дека Уставот го утврдува Јавното обвинителство како самостоен државен орган, чија улога е да ги гони сторителите на кривични дела и други казниви дела. Поради тоа, велат од обвинителските институции, секое законско решение што ја нарушува финансиската положба на обвинителите треба да биде предмет на темелна уставно-судска контрола.

Дополнително, тие посочуваат дека рамноправниот третман на обвинителството и судството е веќе воспоставен во повеќе европски земји, наведувајќи примери од Словенија, Хрватска, Србија и Црна Гора, како и дека ваквиот пристап е во согласност со европските и меѓународните стандарди.

Советот на јавните обвинители, Јавното обвинителство и Здружението на јавните обвинители очекуваат Уставниот суд навремено да постапи по поднесените иницијативи и да обезбеди заштита на принципите на поделба на власта, владеењето на правото и уставно загарантираната самостојност на обвинителството.

Во соопштението се нагласува дека финансиската независност не е привилегија на обвинителите, туку предуслов за непречено функционирање на институцијата. Според нив, доколку се дозволи преку законски измени да се влијае врз материјалната положба на обвинителите, тоа може да отвори простор за индиректно влијание врз работата на обвинителството и да ја наруши неговата позиција во системот на државната власт.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни