Жена од Прилеп пријавила дека била измамена за околу 700.000 денари, откако неколку месеци комуницирала со лице преку социјалните мрежи кое побарало финансиска помош за наводно лекување на болно дете.
Според пријавата доставена до ОВР Прилеп, комуникацијата започнала во февруари годинава. По воспоставениот контакт, лицето во повеќе наврати побарало пари, претставувајќи ја потребата како итна помош за лекување.
Жената му исплатила вкупно околу 700.000 денари, но подоцна се посомневала во вистинитоста на приказната и сфатила дека била измамена.
Случајот бил пријавен на 14 јули во 14:30 часот во ОВР Прилеп. Од полицијата информираат дека се преземаат мерки за расчистување на настанот и утврдување на сторителот.