Пропуштени задолжителни контроли при производство на медицински канабис се причината за поднесена кривична пријава против 39-годишна скопјанка, информира Министерството за внатрешни работи.
Надворешната канцеларија за криминалистички работи (НККР) Свети Николе поднела кривична пријава до Основното јавно обвинителство Свети Николе против Д.П. (39) од Скопје за сомнение дека сторила кривично дело „несовесно работење во службата“.
Според информациите од МВР, пријавената во периодот од 18 ноември 2022 година до 21 август 2024 година била претседател на Комисијата за оценување на исполнетоста на условите за простор, опрема и кадар за одгледување канабис за медицински цели при Министерството за здравство.
Се сомничи дека не ги извршила службените обврски предвидени со Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции, односно не организирала и не спровела задолжителни контроли кај правно лице од Свети Николе кое се занимавало со производство на медицински канабис.
Од МВР наведуваат дека и покрај известувањата доставени од компанијата во текот на 2022 и 2023 година, не биле преземени дејствија за извршување на законски предвидените контроли во периодот од садење до берба.
Според пријавата, со пропуштањето на контролите било овозможено правното лице да произведе вишок од 56 килограми канабис, што било утврдено со записник од извршена контрола на 19 февруари 2025 година.
Случајот е доставен до надлежното јавно обвинителство за понатамошно постапување.