Македонија

АХВ забрани употреба на водата за пиење во Гостивар, се проверува загадување на водоводниот систем

АХВ забрани употреба на водата за пиење во Гостивар, се проверува загадување на водоводниот систем

Забранета е употребата на водата за пиење од гостиварскиот водоводен систем поради сомнение дека е загадена и небезбедна, соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ). Одлуката следува по вонреден инспекциски надзор во пречистителната станица за вода во село Вруток, општина Гостивар.

Надзорот бил спроведен по известување од Основното јавно обвинителство Гостивар, поплаки од граѓани и пријава од Министерството за внатрешни работи во врска со безбедноста и квалитетот на водата за пиење.

Во контролата учествувале инспекциски служби на АХВ, претставници на Министерството за животна средина, ОЈО Гостивар и крим-техника од СВР Гостивар.

При проверката било утврдено дека во главниот цевковод на водоводната мрежа била поставена пумпа без соодветно одобрение, за која се сомнева дека директно вбризгувала вода од реката Вардар во водоснабдителниот систем.

Од Институтот за јавно здравје биле земени мостри од водата за лабораториски анализи со цел да се утврди нејзината исправност и безбедност за користење.

„За да се спречи поголема опасност за населението од овој регион, АХВ издаде времена забрана за употреба на водата за пиење сè до добивање на резултатите од лабораториското тестирање со кое ќе се потврди нејзината безбедност“, информираат од Агенцијата.

Од надлежните се очекуваат резултатите од анализите, по што ќе биде познато дали водата може повторно да се користи за пиење.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни