Македонија

ВИДЕО Засилен сообраќај кон Грција, на Богородица се чека околу 15 минути

ВИДЕО Засилен сообраќај кон Грција, на Богородица се чека околу 15 минути

Возачите кои утрово се упатуваат кон Грција треба да сметаат на умерено задржување на граничниот премин Богородица. Според најновите информации од Авто-мото сојузот на Македонија (АМСМ), на излез од државата се бележи зголемена фреквенција на возила, а времето на чекање изнесува околу 15 минути.

На останатите гранични премини од македонска страна засега нема подолги задржувања, ниту при влез, ниту при излез од државата.

АМСМ апелира до возачите да ја приспособат брзината на движење на условите на патот, да ја почитуваат сообраќајната сигнализација и да управуваат внимателно, особено на делниците каде постои можност од појава на одрони. Посебна претпазливост се препорачува на патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Од АМСМ потсетуваат дека патниот правец Охрид – Ресен преку Националниот парк Галичица е повторно отворен за сообраќај за сите возила со вкупна маса до 3,5 тони.

Во сила останува и летниот времен режим на сообраќај, кој важи од 1 јули до 31 август. Во тој период е забрането движење на тешки товарни возила над 15 тони во викендите – во петок од 17 до 22 часот, во сабота од 9 до 18 часот и во недела од 9 до 22 часот. При екстремно високи температури, ограничувањето важи и од понеделник до четврток, во периодот од 11 до 17 часот.

Од забраната се изземени возилата што превезуваат живи животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури, леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, опасни материи, како и возила ангажирани на проекти за изградба и одржување на државните патишта.

Дополнително, на магистралниот пат А2 Скопје – Охрид – Скопје, до 1 септември важи посебен режим за товарни возила над 7,5 тони. Ограничувањето е воведено со цел да се намалат сообраќајните метежи кон Охрид, да се овозможи побрз проток на возилата и полесно движење на туристите во текот на летната сезона.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни