Македонија

Почина доајенот на македонската народна песна Наум Бурназ

Почина доајенот на македонската народна песна Наум Бурназ

Македонската музичка сцена остана без уште едно големо име. На 86-годишна возраст почина Наум Бурназ, еден од најпрепознатливите интерпретатори на македонската народна песна, само неколку недели по смртта на неговиот син Петар.

Со децении беше дел од македонската естрада, оставајќи зад себе богат музички опус и бројни народни песни што и денес се пеат и претставуваат дел од македонското културно наследство. Неговиот препознатлив глас и долгогодишната посветеност на народната музика му обезбедија посебно место меѓу љубителите на македонската песна.

Од Бурназ со трогателни зборови се прости неговата внука Мирјана Бурназ, која на социјалните мрежи објави емотивна порака.

„Дедичко мој најсакан… Денес нѐ напушти и ти, за да бидеш повторно заедно со нашиот најмил и непрежален татко. Вечно ќе живееш во нашите срца.

Ти беше мојот идол. Поради тебе ја избрав музиката и пеењето и тргнав по тој пат. Никогаш нема да ги заборавам сите наши прекрасни спомени, макотрпната работа пред настапите и твоите совети, кои секогаш ми беа најважни.

Неизмерно сум среќна и горда што имав таков прекрасен дедо. Ќе продолжам да чекорам напред со музиката, а знам дека ти засекогаш ќе ме гледаш, ќе ме чуваш и ќе ме поддржуваш од небото. Почивај во мир, дедичко мој. Љубовта кон тебе никогаш нема да згасне“, напиша Мирјана Бурназ.

Со заминувањето на Наум Бурназ, Македонија се простува од уметник кој со својот глас и творештво остави траен белег во историјата на македонската народна музика.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни