Проблемите со квалитетот на водата за пиење веќе не се ограничени само на Гостивар. Во повеќе градови низ земјата деновиве се отвораат прашања за исправноста на водоснабдувањето, откако надлежните институции во Валандово воведоа забрана за консумирање вода поради зголемено ниво на арсен, а реакции и барања за дополнителни контроли пристигнуваат и од Дебарца и Прилеп.
Најсериозна е состојбата во Валандово, каде ЈП „Комунален сервис“ соопшти дека анализите на Институтот за јавно здравје – Скопје покажале зголемена концентрација на арсен во водата од градскиот водовод. До добивање нови резултати, граѓаните се повикани водата да не ја користат за пиење, туку исклучиво за технички потреби.
Од јавното претпријатие информираат дека во соработка со надлежните институции се спроведуваат дополнителни анализи и контроли, а апелираат жителите строго да ги почитуваат препораките додека не биде потврдена исправноста на водата.
Случајот предизвика бројни реакции кај граѓаните, кои бараат одговори колку долго водата содржела покачени концентрации на арсен и дали тоа може да има последици по здравјето.
За состојбата се огласи и доктор Нико Беќаровски, кој посочи дека измерените 14 ppb арсен се околу 40 проценти над препорачаната максимална вредност од 10 ppb. Според него, нема простор за паника бидејќи краткотрајната изложеност вообичаено не предизвикува сериозни здравствени последици, а водата останува безбедна за туширање и други технички потреби. Сепак, предупреди дека долготрајната изложеност може да доведе до хронични здравствени нарушувања, поради што, како што вели, најважно е што побрзо да се утврди изворот на загадувањето.
Во меѓувреме, од Општинската организација на СДСМ Дебарца објавија снимки за кои тврдат дека прикажуваат испуштање отпадни води директно во реката Сатеска. Тие побараа итна реакција од локалната самоуправа и инспекциските служби, како и целосно испитување на случајот и санкционирање на евентуалните прекршители.
Загриженост има и во Прилеп, каде на социјалните мрежи граѓаните објавуваат фотографии и видеа од матна вода од чешмите. Иако засега нема официјална потврда дека водата е неисправна, жителите бараат дополнителни лабораториски анализи и официјално објаснување од надлежните институции.
Во исто време, Гостивар и натаму се соочува со сериозна водоснабдителна криза. Последните анализи на Институтот за јавно здравје потврдуваат присуство на бактерии, поради што водата останува небезбедна и за пиење и за техничка употреба.
За надминување на кризата, Центарот за управување со кризи координира активности со повеќе институции. Општина Гостивар треба да обезбеди локации за дистрибуција на техничка вода, додека Армијата ги стави во готовност цистерните за вода. Дополнително, повеќе општини ќе испратат цистерни со техничка вода, а Службата за општи и заеднички работи продолжува со испораката на вода за пиење.
Надлежните институции апелираат граѓаните внимателно да ги следат официјалните известувања и да ги почитуваат препораките сè додека не се потврди дека водата е безбедна за употреба.