Договор за набавка на автомобил од странство завршил со измама за 42-годишен жител на тетовско, кој пријавил дека останал без 700 швајцарски франци, а возилото што требало да го добие никогаш не му било испорачано.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, случајот бил пријавен на 22 јули во 15:15 часот во СВР Тетово.
Оштетениот во полициската пријава навел дека преку социјална мрежа стапил во контакт со лице од Скопје, кое било сопственик на фирма за транспорт. Со него се договорил да му биде донесен автомобил „Фолксваген Поло“ од Швајцарија.
Откако бил постигнат договорот, тетовецот ја уплатил сумата од 700 швајцарски франци, но по извршената уплата возилото не му било доставено, а парите не му биле вратени.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за расчистување на случајот и утврдување на сите околности поврзани со пријавената измама.