Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) извршија 70 вонредни надзори во Гостиварско поради состојбата со водата за пиење и забраната за употреба на водата од градскиот водоснабдителен систем.
Со контролите биле опфатени различни оператори со храна – маркети, кафе-барови, пицерии, пекарници, слаткарници, сендвичарници, ќебапчилници, како и објекти за производство и пакување на овошје и зеленчук.
Главен фокус на инспекциите било дали операторите ја почитуваат забраната за користење на водата од гостиварскиот водовод. Од АХВ информираат дека кај контролираните субјекти не биле утврдени прекршувања во овој дел. За подготовка и послужување храна, миење садови, работни површини и опрема била користена пакувана или безбедна вода, додека во угостителските објекти на гостите им биле обезбедени пластични и хартиени чаши и прибор.
Сепак, инспекторите утврдиле повеќе други неправилности. Кај пет оператори не биле спроведени мерките за дезинфекција, дезинсекција и дератизација, а кај 18 оператори биле утврдени пропусти поврзани со задолжителните здравствени прегледи на вработените.
Дополнително, 11 правни лица не биле регистрирани како оператори со храна во АХВ, поради што, покрај парични казни, им била изречена и времена забрана за вршење дејност до нивната регистрација.
При контролите биле откриени и два оператори кои пуштале во промет небезбедна храна. Биле пронајдени 18 килограми производи, меѓу кои виршли, кисело млеко, јогурт, слајс салами и путер, кои биле нештетно уништени.
За констатираните неправилности АХВ изрекла 30 парични казни во вкупна вредност од 7.750 евра во денарска противвредност, а изречени биле и 12 забрани за вршење дејност.
Од Агенцијата апелираат до операторите со храна и граѓаните да продолжат доследно да ја почитуваат забраната за користење вода од градскиот водоводен систем во Гостивар, сè до нејзино укинување од надлежните институции.
Граѓаните секоја неправилност можат да ја пријават до АХВ или нејзините подрачни единици, преку електронската адреса info@fva.gov.mk или на бесплатната телефонска линија за потрошувачи 0800 3 22 22.