Решавањето на проблемот со водоснабдувањето во Гостивар напредува според планираната динамика, а доколку не дојде до непредвидени околности, жителите најпрво ќе добијат технички исправна вода, а потоа и вода безбедна за пиење, најави премиерот Христијан Мицкоски.
Одговарајќи на новинарско прашање при пуштањето во употреба на реконструираниот градски базен во Кавадарци, премиерот изјави дека на терен работат екипи на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, заедно со стручни експерти, со цел што побрзо да се нормализира состојбата.
„Доколку сè се одвива според предвидената динамика, до крајот на оваа недела ќе имаме технички исправна вода. Потоа ќе следува целосно плакнење на водоводниот систем, за да се обезбеди вода со соодветно ниво на хлор, најпрво за техничка употреба, а планот е кон крајот на следната недела да биде безбедна и за пиење“, изјави Мицкоски.
Тој истакна дека активностите за санација на водоводниот систем продолжуваат непречено и покрај предизвиците со кои се соочуваат службите на терен.
Премиерот нагласи дека, иако решавањето на овој проблем не е директна надлежност на Владата, институциите ќе направат сè што е потребно системот повторно да биде целосно функционален и граѓаните да добијат безбедна вода за употреба што е можно побрзо.