Македонија

Клековски: Нема нови хоспитализации во Гостивар, но мерките остануваат на сила

Клековски: Нема нови хоспитализации во Гостивар, но мерките остануваат на сила

Иако бројот на заболени во Гостивар не расте, здравствените власти предупредуваат дека опасноста сè уште не е целосно надмината. Министерот за здравство Сашо Клековски информираше дека нема нови хоспитализации, но нагласи дека рестрикциите и препораките остануваат во сила сè додека не завршат интервенциите на водоводниот систем и не се потврди исправноста на водата.

Клековски соопшти дека бројот на лица со стомачни тегоби е стабилизиран, но истакна дека тоа не значи дека граѓаните треба да престанат да ги почитуваат мерките за заштита.

„Бројот на заболени стагнира, но не смее да има опуштање. Од понеделникот наваму имаме резултати од четири чисти и пет загадени контролни точки, што значи дека препораките остануваат на сила“, изјави министерот.

Според досегашните лабораториски анализи, кај дел од пациентите се потврдени астровирус и бактеријата шигела. Сепак, бидејќи резултатите не се идентични кај сите заболени, засега не може со сигурност да се утврди единствен извор на инфекцијата.

Министерот повторно ги повика граѓаните да ги следат исклучиво официјалните информации и да не подлегнуваат на непроверени тврдења кои се шират на социјалните мрежи. Тој потсети дека препораките ги носи Комисијата за заразни болести, додека контролата на квалитетот на водата е во надлежност на Агенцијата за храна и ветеринарство.

Клековски информираше дека Министерството за здравство веќе ги добило анализите од Центарот за јавно здравје – Тетово и подрачната единица во Гостивар, а се очекуваат и резултатите од Институтот за јавно здравје. Дел од анализите покажуваат исправна вода, додека други регистрираат загадување, но станува збор за различни мерни точки, поради што ќе биде направена детална споредба.

Тој увери дека сите резултати ќе бидат јавно објавени и дека ништо нема да биде сокриено од јавноста.

Во меѓувреме, продолжуваат дополнителните испитувања, меѓу кои и најсофистицирани анализи на Клиниката за инфективни болести. Досегашните резултати укажуваат на присуство на бактерии и вируси што упатуваат на фекално загадување на водоводната мрежа, како и можност каптажата да била контаминирана од атмосферски води.

Министерот најави дека по завршувањето на епидемијата ќе биде изработена детална анализа за причините за загадувањето, ќе се утврди хронологијата на настаните и ќе се предложат мерки за да се спречат слични ситуации во иднина.

„Мора да има одговорност, но уште поважно е да ги отстраниме системските слабости што довеле до оваа состојба“, порача Клековски.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни