Силното невреме кое деновиве го зафати Скопје остави сериозни последици низ повеќе делови од градот, а штети се забележани и на Градските гробишта „Бутел“.

Фотографии објавени на социјалните мрежи покажуваат оштетени гробни места, искршени мермерни плочи и изместени делови од гробовите, предизвикани од силниот ветер и паднатите предмети.
Граѓани преку социјалните мрежи алармираат дека дел од гробните места на нивните блиски се оштетени и ги повикуваат семејствата да излезат на терен и да проверат дали има последици од невремето.

„Не се оштетени само домовите. Голема штета има и на гробиштата. Денес таму немаше никој да поправи или санира нешто. Пријатели, ве информирам да одите и да проверите дали и гробните места на вашите најблиски се оштетени“, стои во една од објавите.
Граѓаните бараат одговор од надлежните за тоа кој ќе ја преземе одговорноста за настанатите оштетувања и дали ќе има помош за санација на гробните места.
„Бутел АД Скопје кој ќе ја надомести штетата и кој ќе ги санира оштетените гробни места?“, прашуваат тие.

По невремето, екипите на надлежните служби продолжуваат со расчистување и санирање на последиците на повеќе локации низ главниот град. Засега нема официјални информации за вкупниот обем на штетите на Градските гробишта „Бутел“.