Македонија

Тошковски: Одговорност ќе има за сите што придонеле за кризата со водата во Гостивар

Тошковски: Одговорност ќе има за сите што придонеле за кризата со водата во Гостивар

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски изјави дека одговорност за случајот со загадената вода во Гостивар ќе сноси секој што со постапување или непостапување придонел за настанатата состојба.

По седницата на Централниот кризен штаб во Гостивар, Тошковски рече дека по наредба на Јавното обвинителство се сослушани голем број лица и се преземаат истражни дејствија за целосно расчистување на случајот.

„Одговорност ќе има за секој што ќе се утврди дека директно или индиректно придонел за оваа состојба. Постапката мора да се води согласно законите и доказите“, изјави Тошковски.

Тој нагласи дека истрагата треба да даде одговор и на прашањата околу претходните анализи на водата, кои не покажале отстапувања, како и да утврди дали имало пропусти во постапувањето на надлежните институции.

Според него, приоритет останува нормализирањето на водоснабдувањето и обезбедувањето безбедна вода за граѓаните, но паралелно ќе се утврдува и евентуалната кривична одговорност.

Во меѓувреме, Основниот суд во Гостивар им одреди 30-дневен притвор на тројцата осомничени – в.д. директорката на ЈП „Комуналец“, техничкиот раководител и раководителот на Одделението за водовод. Според Обвинителството, тие на 25 јуни наложиле поставување три потопни пумпи во канал со површинска вода со штетни материи во близина на преливната комора на водоснабдителниот систем, по што дошло до загадување на водата за пиење.

Владата претходно прогласи 30-дневна кризна состојба во Општина Гостивар за да се овозможи побрза координација на институциите и што поскоро нормализирање на водоснабдувањето.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни